Здружение на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова„ Штип

Да се обединиме за Македонија.

9 септември 2023 година, Штип, Македонија – Вчера во Штип, во дворот на црквата “Свети Константин и Елена” во населбата Балканска, свечено и достоинствено се одбележаа 8-ми септември Денот на независноста на Македонија и 75 годишнината од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во 1948 година, за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, како дел од Шестата средба на децата бегалци.

Настанот го организираше Здружението на македонците од Егејскиот дел на Македонија “Мирка Гинова” од Штип, во соорганизација со Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, општина Штип и ДПС Лисец од Штип.

На настанот присуствуваа сите сродни здруженија од Македонија, гости од Егејскиот дел на Македонија, гости од Пиринскиот дел на Македонија, од општина Пустец Преспа, гости од Република Србија, гости од Канада, гости од Штип, населбата Балканска, градоначалникот на општина Карбинци господинот Виктор Паунов, пратениците во македонското Собрание Горгија Сајкоски и Рашела Мизрахи, поранешните пратеници Светлана Карапетрова и Лилјана Затуроска, Здружението на борците од Штип, Здружението Бедем.

Водител на настанот беше Величе Николова, химната ја испеа пеачката Марија Атанасова која настапи на ланскиот Макфест.

Гостите ги поздрави претседателот на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија “Мирка Гинова” од Штип Стојан Димков, а поздравни говори одржаа и Георгија Сајкоски пратеник во Собранието и генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ, претседателката на советот на град Штип Весна Кожинкова Карагунова, архимандритот Никодим Царкњас од С’бтско, Кирил Иванов од “ОМО Илинден”, и претседателот на Сојузот МАКЕДОН Александар Јаневски.

Специјални гости кои го поздравија настанот беа Ивана Цветковиќ од Лесковац Република Србија (по потекло од Вмбел Костурско) и Ристо Таков од Канада (роден во Пожарско, своевремено живеел и во Штип).

Свеченоста ја збогатија: Марија Кукубајска, која ја рецитираше песната за Македонија “Македонија те сакаме во сите твои бои”, а прекрасен настап имаа и две културно уметнички друштва од Битола “Гоце Делчев” и културно уметничкото друштво од Новаци.

На крај имаше општа веселба за која помогнаа дел од новоформираната музичка група од Штип “Егејска рапсодија” и пеачите Васил Чамов и Марија Димкова.

Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија “Мирка Гинова” упати посебна благодарност на сите кои помогнаа во организација на настанот: членовите на Здружението “Мирка Гинова” од Штип, членките на Сојузот МАКЕДОН, градоначалникот на општина Штип Иван Јорданов, советот и советничката група на општина Штип со претседателката Весна Кожинкова Карагунова, советниците Душко Иванов и Весна Ушинова, Александар Санев од Лисец, фамилијата Богдови, домаќините на црквата Трајан и Трајанка и отец Станимир Станков.

__________________

Поздравен говор на претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Александар Јаневски

Остана геноцидот, посветени сме за трајно решение на македонското прашање.

Почитуван отец, почитуван градоначалник, почитувани пратеници, почитувани советници, почитуван господине Димков, почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки,

Денес го одбележуваме 8 септември – Денот на независноста на Македонија.

Годинава одбележуваме 75 години од егзодусот на насилно прогонетите деца од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, во рамките на Шестата светска средба на децата бегалци и насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија.

Се собравме денес во Македонската православна црква “Свети Константин и Елена“ во населба Балканска во Штип, да посведочиме за една од најцрните страници во историјата на Македонскиот народ – геноцидот и прогонството на Македонците од родните домови од Егејскиот дел на Македонија. Судбина, која не’ следи од Балканските војни, двете светски војни и Граѓанска војна во Грција.

Трајно останува поменот и споменот за македонската голгота во Егејскиот дел на Македонија од времето на таканаречената Граѓанска војна во Грција 1946-1949 година. Иако за време на Граѓанската војна Комунистичката партија на Грција ветуваше автономија до обединување на Македонија, после оваа војна, генералниот секретар на оваа партија, по враќањето од Русија назад во Грција изјави: Ја изгубивме војната, ама ја спасивме земјата од Македонците.

Македонците заедно со грчките партизани, како и многупати порано, ја ослободија Елада од монархо-фашизмот и повторно се вградија во темелите на државноста на Грција. За жал, во оваа војна најголеми жртви беа децата.

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, бараме итно и безусловно еднострано раскинување на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година со кој се врши ревизија на македонската историја, бараме итно и безусловно раскинување на Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година, со која се врши промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ. И двата договора имаат за цел да го санкционираат Букурешкиот договор од 10 август 1913 година за трајна поделба на Македонија и Македонскиот народ. И со двата договора Македонија треба од држава да стане територија без Македонски народ и историја. Затоа, потсетуваме на референдумот од 8 септември 1991 година и референдумот од 30 септември 2018 година.

Предлагаме историско помирување на Македонскиот народ со соседните народи, и склулување Договори за траен мир и добрососедство меѓу државата Македонија со соседните држави, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост, што подразбира: взаемно почитување и разбирање, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи. Се разбира, простуваме, но не забораваме, велиме било да не се повтори. Но, бараме извинување и репарации. ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ.

Остануваме посветени на трајно решение на Македонското прашање, и бараме инто и безусловно продолжување на членството на државата Македонија во Обединетите Нации и сите меѓународни организации под нејзиното единствено историско и државно име Македонија. Остануваме посветени на враќањето на граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија и на нивните потомци.

Заедно сме со нашите браќа и сестри, Македонци и Македонки во соседните земји на државата Македонија, во остварувањето на нивните човекови и граѓански права и слободи: Право на образование, информирање и вероисповед на мајчин македонски јазик, право на слобода на изразување, здружување и собир, право на регистрација на здруженија на граѓани и политички партии, заради заштита и унапредување на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет, наследство и простор.

Повикуваме на семакедонско помирување и обединување заради одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ.

За многаја лета чествувањето и поменот и споменот на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија. Нека ни е честит и вековит Денот на независноста на државата Македонија.

Повеќе на тема – Добар ден.