Јавен повик: На пописот во Албанија слободно изјаснете се како Македонци.
16 септември 2023 година, Скопје, Македонија – По повод пописот на населението во Албанија од 18 септември до 30 октомври годинава, Министерството за надворешни работи на Македонија (МНР) упати јавен повик до Македонците во Албанија.
Симболична слика: Министерство за надворешни работи, Скопје, Македонија.
Министерството за надворешни работи на Македонија ги охрабрува сите Македонци во Албанија слободно да ја изразат својата етничка, јазична и религиска припадност, во согласност со законската регулатива и позитивната демократска пракса во Албанија.
Албанија е препознатлива во светот по своето мултиетничко и мултикултурно општество, на начин како тоа е постигнато во Македонија, тоа претставува непроценливо автентично политичко и културно наследство.
Препознавајќи ја улогата на Македонците како лојални граѓани на Албанија, престојниот попис ќе им овозможи преку слободното изразување на својот идентитет, да ја потврдат со тоа и сопствената етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност. Со тоа и дополнително ќе се потврди улогата на македонската етничка заедница во Албанија, во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави.
Македонија и Албанија се земји со исклучителни пријателски односи. Министерството за надворешни работи и институциите на Република Македонија ќе останат во интензивна комуникација со претставниците на македонската етничка заедница во Албанија, исто како и со институциите на Република Албанија, меѓу другото и за прашањата кои ги засегаат идентитетските прашања.
Продолжуваме активно да се ангажираме за заштита и промовирање на овие права на ист начин како што тоа го правевме и досега.
Повеќе на тема – Интервју: Сашо Гилевски сведок за масакрот кај Вејце