Европско фудбалско првенство

Македонија освои голем бод со европскиот првак Италија.

9 септември 2023, Скопје, Македонија – Најискусната фудбалска репрезентација на Македонија одигра нерешени 1-1 (0-0) против големиот фаворит Италија, во натпревар од квалификациите за Европското првенство.

Дуелот на Националната арена „Тодор Проески“ понуди солидна игра на нашиот национален состав. „Рисовите“ одиграа во најмала рака рамноправно на европскиот првак, а водечкиот гол на Имобиле го анулира капитенот Енис Барди со мајсторски гол од слободен удар.

Селекторот Благоја Милевски имаше потешкотии во избирањето на стартните единаесет, што поради играчи без клубови, што поради слаба минутажа. Аријан Адеми кој доцна се приклучи на репрезентативниот камп остана на клупата, а на средината заиграа Атанасов и Елези со Барди.

Меѓу стативите беше најстандардниот Столе Димитриевски, во одбраната со тројца, покрај Муслиу и Зајков, шанса доби Манев.

На страничните позиции делуваа Алиоски и Ашковски, додека друштво во нападот на Миовски му правеше Ељиф Елмас.

Стартот беше мирен, а уште во воведните минути се проверуваше потенцијален пенал за Македонија по старт над Барди. Првата закана вредна за издвојување дојде по 15 минути игра, а ја имаше Брајан Кристанте по корнер, со глава биеше крај нашиот гол. Следеше колосална можност и за Македонија. По контра, одлично нафрлување упати Езџан Алиоски, го пронајде на втората статива Бојан Миовски, ама ударот со глава заврши крај стативата.

На спротивната страна бргу Италија врза две шанси. Прво по брза транзиција несфатливо сам излета Тонали, меѓутоа погоди статива, а по него се обиде и Кристанте и изнуди интервенција на Димитриевски. До полувремето добра можност имаше и Елмас по една транзиција, ама неговиот удар лесно го скроти Донарума.

Веднаш на стартот на продолжението, Италија успеа да дојде до предност од 0-1. Веќе во 47. минута „азурите“ дојдоа до водечки погодок преку Чиро Имобиле. По една навидум не многу опасна ситуација, Манев не се снајде најдобро и не исфрли со глава. Топката стигна до Тонали, кој му ја смири на Барела, а овој без размислување шутна. Играчот на Интер ја погоди пречката, но одбиената топка падна пред Имобиле кој со глава го матира веќе паднатиот Димитриевски.

Следеше период во кој темпото на игра малку опадна. Македонија се охрабри да излезе понапред во пресинг во последните 25 минути и тоа веднаш доведе до шанса. Удар од преку 20 метри имаше Елмас, ама истиот заврши крај голот на Донарума. Првпат по клупата Милевски посегна во 74. минута, заменувајќи ги Ашковски и Елези со Димоски и дебитантот Алими. Веднаш по влегувањето, бекот имаше продор и изнуди слободен удар на изгледна позиција, меѓутоа Алиоски биеше само во живиот ѕид. Слична ситуација и фаул имаше и на спротивната страна од половината, а овојпат за шут се намести Енис Барди. Македонскиот капитен со перфектен удар погоди во спротивниот агол, во голманската страна на Донарума за израмнување (1-1) во 81. минута.

Во продолжението, Италијанците се обидоа да се наметнат, меѓутоа немаа доволно време. Завршните минути понудија по некое возбудување пред двата гола, ама резултатски промени немаше. Така, по двата порази во низа од Украина и Англија, Македонија освои бод во квалификацискиот циклус.

Браво Македонци. Победа за Македонија.

_______________

Превземено од порталот гол.мк

Повеќе на тема – За вентилаторот.