Дошница не ја даваме, Кожув е наш.

Светски Македонски Конгрес

Еден виц однапред: Северна и ФИРОМ не ги даваме, Македонија е наша.(Редакција: Каде бе со вентилаторите? Да не планирате да летате некаде со вентилаторот на Грчев?)

16 септември 2023 година, Гевгелија, Македонија – Пред неколку стотини граѓани од Гевгелија, Неготино, Демир Капија, Кавадарци, Скопје и други места од Македонија, денес на плоштадот на летувалиштето “Смрдлива Вода“ под мотото “Дошница не ја даваме, Кожуф е наш.“ се одржа Сенароден протест за спас на Кожуф планина и реката Дошница од енергетската мафија во Македонија.

По интонирање на македонската државна химна пред присутните зборуваа дипломиран инжинер за заштита на природата Александра Манасиева Митрева, м-р Димитар Џундев од “Млади за Македонија“, Кристијан Алчинов претседател на Советот на млади на општина Гевгелија, Ване Митров претседател на Планинарското друштво “Две уши“ од Гевгелија, Атанас Делов од Неготино мастер инжинер за заштита на природата и еколог и Ангел Наков претседател на Здружението “Спас за Гевгелија“.

Меќу бројните транспаренти кај присутните можеа да се прочитаат: “Кожуф е наш“, Убијци на реките, подалеку од Кожуф“, “Вода или крв – стоп МХЕ“, “Дошница е наша река“, “Сакаат да ја убијат Кожуф планина“, “Дошница бара да ја заштитиме“, “Сакаме реки, нејќеме цевки“, “Не е на баба ви, па во цевки да ја турате“, “Кожуф – национален парк“, “На Дошница никој нема да гради хидроелектрани“ и други.

Сите говорници ја истакнаа потребата од заштита на Кожуф планина и реката Дошница, ја осудија енергетската мафија која ја уништува природата и барањата Владата да прогласи мораториум на изградбата на мали хидроелектрани на реките во Македонија и на реката Дошница на Кожуф планина.

На крајот од протестот, присутните ја прифатија декларацијата која гласи:

“Врз основа на заклучоците од 26-та Конференција за климатските промени на Обединетите Нации одржана од 31 октомври до 13 ноември 2021 година во Глазгов, во Обединетото Кралство (26th UN Climate Change Conference of the Parties – COP26 in Glasgow on 31 October – 13 November 2021) и склучениот Климатски пакт чиј потписник е и Македонија, посебно поглавјето за зачувување и обновување на шумите, ние, граѓаните, бараме

(1) Владата на Македонија да донесе одлука за стопирање на сите активности поврзани со изградбата на малите ходроелектрани “Папрад“ и “Баров дол“ на реката Дошница на планината Кожуф, во рок од 30 дена,

(2) Владата на Македонија да донесе одлука за отпочнување постапка за прогласување на планината Кожуф за национален парк, во рок од 90 дена, и

(3) Владата на Македонија да донесе одлука со која ќе го задолжи ресорното министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, да изработи проект за трансформација на подружниците на Државното претпријатие за шуми во Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија во Јавно претпријате за управување со националниот парк Кожуф, во рок од 90 дена.

Климатскиот пакт од Глазгов, кој во име на Македонија го потпиша претседателот Стево Пендаровски, определува обврски на секоја држава потписничка како што е: Итно стопирање на сечење на шуми; забрана на крчење на шумите по било која основа; обновување на шумите; децентрализација на управувањето со шумите од државно на локално ниво; обука на постојните вработени во шумските претпријатија за вештини потребни за одржување и обновување на шумите; и контрола на мораториум на сечење, крчење или копачење на шумите.

Во согласност со Климатскиот пакт од Глазгов дозволена е само експлоатација и користење на паднатата дрвна маса и стари оштетени дрвја за потребите на ранливите категории на граѓани кои гравитираат кон шумските предели.

За спрoведување на овие мерки на 26-та Конференција за климатските промени на Обединетите Нации, на располагање се неповратни средства во висина од 15 милијарди евра за кои секоја држава треба да достави соодветна апликација.

Доколку Владата на Македонија не ги исполни овие барања од нашата декларација, ние, граѓаните на Македонија, самите ќе ја заштитиме планината Кожуф, со тоа што ќе ги блокираме сите пристапи до неа и нема да дозволиме обавување на било кои дејности на неа.

Воедно ќе поднесеме тужба до регулаторната комисија на Обединетите Нации за неспроведување на одредбите на 26-та Конференција за климатските промени на Обединетите Нации.

Иницијатори за спас на планината Кожуф се здруженијата на граѓани: “Млади за Македонија“, Планинарски спортски клуб “КОЖУФ“ Гевгелија, Здружението “Спас за Гевгелија“, Планинарското друштво “Две уши“ од Гевгелија, Здружението “Чејнџмејкерсфорол“, Планинарското друштво “Јане Сандански 1954“ од Прилеп, “Точка клуб“ Гевгелија и други.“

Декларацијата ќе се достави до Владата на Македонија.

Повеќе на тема – Добар ден.


Tags: